Мицкоски: Ги укинавме економските директори, обезбедивме раст на плати на здравствени работници
Како што ветивме, ги укинавме нефункционалните економски директори во јавните здравствени установи. Отворивме постапка за вработување на 600 млади специјализанти во здравството. Го зголемивме капитациониот бод на матичните доктори, гинеколози и стоматолози. Обезбедивме раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи, истакна премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното обраќање по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.
- Нашата цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните, подвлече премиерот.
Тој потсети и на проширената Позитивна листа на лекови, реновирани здравствени објекти и клиники, како и на набавената современа медицинска опрема.
- Во делот на животна средина, овозможивме низа мерки. Изработивме планска програма за почист воздух 2025 - 2030 за долгорочни мерки и решенија каде се опфатени сите важни аспекти за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и постои системски приод што гарантира резултати на краток, среден и долг рок. Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина. Обезбедивме 10 милиони евра за замена на системи за греење со еколошки во Скопје, Битола, Куманово и Тетово. Работиме на подобрување на водната инфраструктура на општините преку 50 милиони евра. Обезбедивме 55 милиони евра за изградба и модернизација на регионални системи за управување со цврст отпад во пет региони со изградба на нови и санација на постоечки депонии, трансфер-станции и центри за рециклирање, додаде премиерот.
Преку Министерството за локална самоуправа, рече тој, се отпочна со најголемиот капитален проект за капитални градби по општините.
Тој кажа за 288 одобрени проекти за општините од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика.
- Огромен интерес на вториот јавен повик - 887 проекти во 80 општини се во фаза на евалуација. 129 реализирани проекти за рамномерен регионален развој на Македонија, беше кажано на настанот.
Премиерот рече дека образованието треба да биде нашето најсилно оружје за раст и обезбедување на иднина.
- За првпат после седум години во учебната година 2024-2025 се започна со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Испечативме над 100 нови наслови за средното стручно образование. Изградивме седум нови училишни објекти. Реконструиравме 20 училишни објекти. Изградба на четири училишни спортски сали, додаде Мицкоски.
Тој рече и дека студените добиваат нови згради - се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, како што нагласи, инвестициски циклус од две милијарди денари.
- Најголем влог во образованието досега - обезбедени 38 милијарди денари за образованието во 2025 година. Обезбедивме 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година. Обезбедивме 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно - истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите што соработуваат со академската и научната фела. Обезбедивме на бесплатен пристап до научните бази SCOPUS и WEB OF SCIENCE за сите научници, професори и студенти на државните универзитети, со што на располагање ќе имаат литература и трудови што ќе го стимулираат нивниот труд и креативност. Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и за сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и за постдипломците. Обезбедивме на над 12 проценти повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14 отсто повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60 проценти во следните четири години, додаде тој.

