Мицкоски до Коцевски: Да си поднесе оставка и да не купува време

„Имаше тој доволно можност да се покаже како безкомпромисен борец за правда и против оние случаи каде има основано сомневање за сторен криминал“, вака премиерот Христијан Мицкоски ја коментира постапката што ја иницира неговата влада за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Мицкоски порача дека Коцевски купува време и рече новиот обвинител ќе бил  вистински антикорупционер.

Христијан Мицкоски-претседател на Влада на РСМ: „Очигледно дека барањето изговори и купувањето време е нечија карактерна особина. Мислам дека тој имаше доволно време да покаже, за жал таа довреба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес. Денеска бев во парламентот и тој процес е започнат. Мислам дека е чесно и доблесно тој самиот да се повлече да го скратиме овој период и да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија.“

И додека премиерот чека оставка, во Советот на јавни обвинители чекаат допис, откако ќе пристигне-Советот ќе се произнесе, водејќи се според процедурата пропишана во законот.  И претседателката на Советот Душица Димитриеска како и Коцевски на обвинувањата од Владата дека именувањето на нов шеф на вишото обвинителство  е незаконско, тврди дека се е според процедура – односно бидејќи нема заменик, мора да се определи. 

Душица Димитриеска-претседателка на Совет на јавни обвинители: „На седницата на ЈО на 10.02.2025г. Беше донесена одлука следејќи ги состојбите во ВЈО Скопје, во кое Обвинителство вишиот јавен обвинител е оддалечен од вршење на функцијата-советот утврди дека е потребно да во ВЈО да се назначи обвинител кој ќе раководи со работата на ВЈО за време додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител. Таа одлука е донесена едногласно од страна на сите членови на советот.“  

Од министерството за правда потврдуваат дека дописот е во фаза на подготовка и ќе се достави до Советот најдоцна до утре. Партиите во Собранието, чии пратеници ќе го имаат последниот збор засега воздржани. Мицксоки официјално има поддршка од „Вреди“. „Знам“ најавуваат координација и ДУИ. Од најголемата опзициска партија која што го избра Коцевски денска молк. Велат ставот ќе го кажел лидерот на партијата на утрешниот брифинг со новинарите. 

Вчера, државниот јавен обвинител преку писмено соопштение реагираше дека Владата ги нема на располагање сите релевантни и точни информации. Појасни дека Распоредот за работа на скопското ВЈО, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, билосо важност до 31декември минатата година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Посочи дека неговото постапување во овој случај и во целокупното негово работење е согласно закон.

Кон крајот на минатата година премиерот Христијан Мицкоски посочи дека голем број случаи од МВР и Финансиската полиција се во Обвинителството, но по нив не се постапува. Потоа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски за медиумите изјави дека не очекува негово разрешување и покрај критиките од премиерот Христијан Мицкоски. Тврдеше дека работи чесно и се води според законот.

Коцевски, со 62 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ беше избран во законодавниот дом пред една година на предлог на претходната владина коалиција СДСМ и ДУИ. Предлогот за обвинителот Љупчо Коцевски беше доставен од Владата, а тој беше единствениот кој доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, покрај обвинителките Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ.