Мицкоски: Да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нема компромиси за идентитетот, јазикот и културата

Македонското знаме денеска се вее на улиците низ државата – Македонија одбележува 35 години од прогласувањето на независноста...

Три и пол децении самостојност – се менуваа влади, политичари, генерации, но и по триесет и пет години ветувањата пред граѓаните се исти. 

Подобар животен стандард, европска иднина, економски развој – ова се темите кои и денеска доминираа во говорите и честитките на политичарите.  

Актуелниот премиер Христијан Мицкоски во својот говор денеска порача дека 35 години се доволна дистанца да пораснеме и да ги разбереме нашите слабости. Мицкоски ги истакна економските политики на Владата, оцени дека и во тешки услови се постигнуваат резултати. Во говорот се осврна и на европскиот пат на земјава. 

Христијан Мицкоски – Претседател на Влада: „ Најпрвин треба да се сoздаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница, треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик, туку да се прифати факт кој е вековит стар додека не ги прифатиме овие факти тогаш нема  доверба, а кога нема доверба нема ни дијалог“... 

Со статус на Фејсбук, честитка по повод денот на независноста испрати и првиот опозиционер Венко Филипче. Според претесдателот на СДСМ обврската на оваа генерација е да се избори за европска Македонија. 

Венко Филипче – Претседател на СДСМ: „Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома.

Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите.  Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома.

Тоа е нашата генерациска задача.“

На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија на историскиот референдум со убедливо „за“ ја потврдија волјата за суверена и самостојна држава. Референдумското изјаснување претставуваше пресвртница со која започна процесот на создавање независна македонска држава и воспоставување сопствени институции, дипломатска мрежа, безбедносен систем и економски политики.