Мицкоски: Царините за Македонија од САД се грешка, не се координираме со ЕУ
Прво беше очекувано, па сега е грешка. За четири дена два различни става на Владата за царината од 33% која САД и ја наметна на Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека очекува одлуката на Вашингтон да биде коригирана. Причината, вели, е „очигледна грешка или погрешна информација“.
Според Мицкоски, во тек се разговори со американската амбасада, Министерството за економија и кабинетот на Трамп, а темата била допрена и во Брисел. Детали не открива „процесот е сензитивен“, рече. САД најавија 33% царини за Македонија, 37% за Србија и 35% за БиХ, додека ЕУ и Кина ќе се соочат со 20%, односно 34%. Иако стапката е висока, Владата очекува мал ефект, бидејќи само 1% од извозот оди во САД, но предупредува на можни секундарни последици, особено ако ЕУ не постигне договор со Вашингтон.
Опозицијата, пак, со критики „ова е уште еден во серијата порази на Владата“, велат од СДСМ. Сметаат дека во моментот освен преговори со американските претставници не треба да се преземаат никакви други избрзани потези.
„Силните пораки на Мицкоски за некакво ново нормално во кое неговата влада била во периметарот и оптиката на новата администрација на САД, паднаа во вода. Останува да видиме што ќе преземе владата, но крајно загрижувачки е што власта нема никаков план, ниту пак реална процена за тоа какви ќе бидат последиците по македонската економија.“
Додека Вашингтон молчи, а Скопје се надева, економистите предупредуваат дури и грешка, доколку не се коригира навреме, може да прерасне во траен проблем. Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт сепак тврди дека податоците на САД, а не на Македонија се точни, а разликата ја прави индиректниот извоз на автобуси од земјава кон Белгија, па оттаму преку океанот.
Ако ова е само почеток на нов глобален економски правец, тогаш малите економии, како македонската, се првите кои ќе ја платат цената. Во момент кога економијата има потреба од стабилност, секој сигнал од Вашингтон носи тежина. Македонија чека со воздржан оптимизам и надеж дека грешките сепак се поправливи.