Мицкоски: Албанската опозиција се обидува да предизвика дестабилизација
Поради присуство на опозициски политичари и можна политизираност на вчерашниот протест за полагање на правосуден испит на албански јазик, премиерот Христијан Мицкоски ги известил НАТО сојузниците, и европските партнери, бидејќи според него имало опасност од дестабилизација на државата.
Премиерот дополни дека иако актуелниот Закон за употреба на јазиците е оспорен пред Уставен суд а Венецијанската комисија има дадено негативно мислење за двојазичноста во судството, тој рече дека е формирана работна група од експерти по уставно право кои ќе работат на можно решение усогласено со Уставот и меѓународните стандарди.
Од СДСМ пак се на став дека е потребно да се најде решение за барањата на студентите од албанска заедница, но истакнаа дека главни креатори на поделбите во земјата се, според нив, Мицкоски и власта.
Вчерашните протести не пројдоа и без поделби и во албанскиот политички блок. Од ДУИ истакнаа дека барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик не е ново и дека нема оправдување ова прашање да не биде решено сега. Според ДУИ, актуелизацијата на проблемот е легитимна и произлегува од потребата за целосно почитување на јазичните права гарантирани со закон. Од коалицијата ВЛЕН пак им одговорија дека токму ДУИ сноси одговорност за нерешавањето на ова прашање во изминатите две децении. Според нив, во Министерството за правда имало седум министри Албанци од редовите на ДУИ, но без институционален напредок по ова прашање.
Со реакција се огласи и министерот за правда, Игор Филков, кој оцени дека протестите се обид за манипулација со граѓаните од страна на политички структури кои повеќе од две децении директно учествувале во создавањето на проблемите во правосудниот систем.
Инаку, според официјалните податоци, во изминатите пет години од вкупно 881 кандидат за полагање на правосудниот испит, 232 биле од албанска етничка припадност.

