Мицко - нова алатка на СДСМ за откривање корупција

„Мицко“ и „Венко-тенко“ преовладуваат на денешниот политички дискурс во Македонија. Борбата против корупцијата и криминалот добива нов наратив – саркастичен и комичен. 

Социјалдемократскиот сојуз најави дека ќе ги „лови криминалите на власта“ преку веб-платформата МИЦКО. Од опозициската партија велат дека станува збор за Македонски истражувачки центар за корупција и организиран криминал, кој треба да претставува алатка преку која граѓаните ќе можат анонимно да пријавуваат неправилности.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја обвинуваат опозицијата дека лута во сопствената безидејност, со намера да ги спаси Зоран Заев и Венко Филипче од одговорност. Оттаму порачаа дека платформата треба да ја именуваат според сопствениот рејтинг – ВЕНКО-ТЕНКО.

ВМРО-ДПМНЕ

„Бидејќи лутаат и се целосно обвиени во сопствената безидејност, со единствена намера да ги спасат Заев и Венко, ќе им дадеме конкретен предлог и задача на луѓето од СДС. Првата е да ја преименуваат сопствената платформа во Венко, а може да се вика и Тенко, затоа што таков им е рејтингот и довербата од граѓаните“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквиот наратив меѓу власта и опозицијата доаѓа во период кога државата се соочува со сериозни предизвици, како на меѓународната, така и на домашната сцена. Во исто време, борбата против корупцијата беше нотирана и во извештајот на Европската Унија како една од клучните области што остануваат сериозна пречка во евроинтеграцискиот процес на Македонија.