МФ: Издадена деветта еврообврзница во износ од 600 милиони евра за отплата на стари долгови

Новото задолжување е скапо, но е неопходно, за да се врати долгот од претходната еврообврзница, кој доспева годинава, смета поранешниот министер за финансии Никола Поповски.

Според него, ова е всушност репрограмирање на стариот кредит, кој сега ќе го плаќаме со повисока камата, поради кризата. Поповски вели дека грешката е направена пред десетина години, кога во еден период се издавале високи еврообрзници, со кои наместо да се инвестира во инфраструктура, се покривале тековни трошоци.

- Кога економијата е во раст, обрвзниците што се земале порано, процентуално учествуваат се помалку во буџетот и полесно се отплаќаат. Но, проблемот е што сме сред криза и економијата има мал раст, па кредитите што доспеваат, се на исто ниво и тоа го оптоварува буџетот, вели Поповски. За да го олерсни враќањето, земјава мора да обезбеди повисока стапка на раст на економијата, но и да го намали буџетскиот дефицит, со што ќе го зголеми каматниот рејтинг, за да може да користи кредити со помали камати.

Во вакви услови, каматата од новата еврообврзница ќе мора да се враќа на сметка на други потреби, кои ќе треба да се финансираат со помалку пари. Затоа, Владата треба да направи приоритети во трошењето. Реагираше опозицијата - Владата нема ниту една инвестиција, а се задолжува со 600 милиони евра еврообврзница за да краде.

Земјава вчера ја издаде деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, со камата од 6,25%. Од Владата велат дека најголемиот дел од овие пари се за враќање на еврообврзницата издадена во 2016 година.