Метео аларм, од утре портокалова фаза

Бремените жени и лицата на возраст над 60 години да се ослободат од работа, децата во градинките да не практикуваат физичка активност и да не излегуваат на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Волонтерите на Црвениот крст поинтезивно да пружат помош на стари и изнемоштени лица и бездомници. Ова се дел од препораките на Министерството за здравство кои ќе важат до недела, поради топлотниот бран кој ја зафати земјава.

Согласно препораките на министерството, Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.

- Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 4 дена, до понатамошно одлучување. Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници. - велат од Владата.

синоптичарите најавуваат дека Македонија следните неколку дена  ќе се најде под топлотен бран со натпросечни температури за овој дел од годината.  земјата влегува во портокалова фаза со температури над 40 степени.

Од Брза помош велат дека поради топлониот бран се зголемуваат и нивните дневни интервенции. Во последните неколку денови имаат по околу 100 интервенции дневно, од граѓани од сите возрасни групи. 

Остануваат препораките во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории, а при неопходен престој на отворено да се прават почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, како и големи количества течности. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија.