Мештаните од селата долж автопатот Кичево-Охрид обвинуваат: Блокирани сме
"Ќе го отворите автопатот ама ќе затворите домови."- Жители од куќите кои се наоѓаат непосредно до автопатот во изградба Кичево - Охрид реагираат дека влезовите до дома им се блокирани а никој им нема појаснето од каде сега тие ќе стигнуваат до своите куќи.
,,Честитки за динамиката, но дали сте запознаени дека со градбата на автопатот има домови кои се лоцирани покрај автопатот и ќе останат блокирани. За нив не е предвиден ниту излез на локален пат во проектот за локални патишта . Така што ќе останат блокирани и нефункционални. Вие ќе го отворите автопатот, ама ќе затворите домови. Ќе бидеме приморани да се иселиме бидејќи нема да имаме излез на никаков пат. Конкретно зборувам за Мешеишта, а има и другите места покрај автопатот кои се засегнати. Ве молам ангажирајте се да не се случуваат вакви работи кои многу ќе им го отежнат животот на луѓето кои живеат покрај автопатот.-пишуваат граѓаните.
И жителите на Подмолје велат дека сега треба да вртат низ целото село за да излезат на главниот пат.
Од Јавното претпријатие за државни патишта пак информираат дека освен забрзаното темпо на изградба на автопатската делница во моментов се работи и на изградба на пристапни патишта кон селата околу автопатот.
„Напредува со брзо темпо изградбата на поврзувачките патишта од: Врбјани до Сливово, Сливово-Арбиново, Арбиново-Издеглавје, Издеглавје-Песочан, Песочан-Ново Село, Ново Село-Ботун, како и изградбата на пристапни патишта.
Се работи интензивно од Подмолје до хотелот Амбасадор на изградба на столбови за надвозник, потпорен ѕид, како и на изградба на мрежата за фекална и атмосферска канализација. Се работи и на надвозникот кај Св. Еразмо, како и на левата страна од Подмолје до Охрид, каде се поставува еластична бариера на централниот дел, како и асфалтирање на десната страна од главната траса.“
Според најавите 40 км или делницата од Врбјани до Охрид ќе биде пуштена во употреба најдоцна до 11 или 12 јули.
Инаку автопатот Кичево- Охрид во должина од 57 км се гради една деценија и чини скоро 600милиони евра.Нови финансиски поскапувања не се исклучени.