Мештани на селото Галате уредувале двор на црква, полицијата ги спречила активностите

Полицијата викендов не спречи да уредиме двор на црква која е вандализирана и запалена во воениот конфликт во 2001 година, реагираат жителите од гостиварско Галате. 

Тие објавија видео од инцидентот на кое се гледа зголемено присуство на полицајци и марица, додека градежната механизација работи на расчистување на локацијата. Тврдат дека јавен обвинител дал и наредба за нивно апсење.

Мештаните за Телевизија 24 раскажуваат дека не се работи никакви градежни активности, ниту пак за узурпација. Присуството на институциите на терен го оценуваат како притисок.

Од СВР Тетово информираа дека постапиле по барање на инспекторот за урбанизам при Општина Врапчиште.

„Ние направивме увид на месноста викана Топли извори (меѓу селата Топлиште и Врапчиште) на локацијата на црквата „Света Петка “, каде што, наводно, според пријавата - се изведувале незаконски градежни работи на црквата.При увидот полициските службеници разговарале со затекнатите граѓани кои што го чистеле црковниот двор и околината на самиот објект. Притоа не се одземени никакви предмети од затекнатите граѓани, ниту пак е извршено некакво приведување“, информираа од СВР Тетово

Од Јавното обвинителство пак демантираат дека издале наредба за приведување или задржување лица. 

„Во однос на објавените невистинити информации кои се споделуваат на социјалните мрежи, а се преземени од повеќе медиуми и се однесуваат за настан во близина на верски објект во гостиварско, Основното јавно обвинителство Гостивар ја известува јавноста дека јавен обвинител нема издадено наредба за приведување или задржување на ниту едно лице, информираа од јавното обивнителство.

Жителите од Галате викендов започнаа доброволна акција за уредување на просторот околу црковен храм. Најавија дека ваквите активности ќе продолжат и нема да дозволат никој да ги спречи.