Месец на полската литература во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

По повод Месецот на полската литература, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје вечер од 19 часот ќе гостува Војќех Јагелски, автор на книгата „Сите војни на Лара“.

Разговорот со авторот од Полска ќе го води проф. д-р Лидија Танушевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје.

Претходно, во 18.30 часот, ќе биде отворена изложба од студенти што учествувале на конкурсот „Графика на годината“ организиран од Графичкиот факултет при Академијата за ликовни уметности во Краков.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ за 16 мај го најавува и гостувањето на писателката за деца Роксана Јенджејевска-Брубел, авторка на книгата „Расположенијата на Хиполит Колбас“. Таа тогаш ќе одржи и креативна работилница во Одделот за литература за деца.  

-Гостувањето на полските автори е дел од проектот „Полска на полица“, во кој партнер на Амбасадата на Република Полска е токму  ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје. Настаните се со превод на македонски јазик, соопшти Библиотеката.