Мерко: Ауди А6 од 70.000 евра не е луксузен автомобил - обични граѓани возат автомобили од над 100.000 евра

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко ќе се вози во нова лимузина „Ауди А6“ вредна 67.000 евра. Општинaта на крајот од ноември лани покрај за градоначалникот, се подновила и со три други автомобили за кои вкупно платила 114.000 евра. Но, за Мерко аудито од речиси 70.000 евра не било луксузен автомобил, бидејќи обични граѓани возеле автомобили од над 100.000 евра.

„Н есе работи за луксузни возила, туку за возила кои се неминовна потреба на локалната самоуправа. не велите дека се луксузни кога обичните граѓани возат возила над 100 000 евра.“ - вели Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга.

Покрај автомобилот за градоначалникот, општината набавила и една „Шкода Октавија“ лимузина со пет седишта за речиси 19.000 евра како и два автомобили „Шкода Рапид“ исто така лимузини со пет седишта за вкупна цена од 28.500 евра. Тендерот го добила битолската фирма „ЈОСИФОВ ДООЕЛ увоз-извоз“.

За Мерко набавката била неопходна бидејќи општината немала употребливи возила, сите биле хаварисани. Тој не чувствува грижа за рационалноста на набавката, односно дека парите би можел да ги пренамени за решавање на проблеми на граѓаните на Струга.

Инаку, Владата на крајот на мината година покри 50 милиони евра долгови на презадолжените општини, за тие да можат да продолжат да функционираат. Само општината Струга, без институциите кои се под нејзина надлежност, до крајот на минатата година прикажала долг од околу 4,5 милиони евра.