Меркел во дводневна посета на Грција – притисок врз Грција за Преспанскиот договор
Foto

Меркел во дводневна посета на Грција – притисок врз Грција за Преспанскиот договор

Под силни безбедносни мерки, со најавени протести, но и забрана за собири, попладнево во дводневна посета на Грција пристигнува германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзината посета, меѓу другото, како што сметаат аналитичарите, е потсетник дека Берлин и западните Влади, сакаат да се осигураат дека грчкиот парламент ќе го ратификува договорот од Преспа. Доцна попладнево Меркел ќе има средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, по што ќе следи прес конференција, а утре, таа ќе биде примена и од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, утре напладне, Меркел ќе има средба и со лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Во синоќешното интервју за грчката телевизија Опен, грчкиот премиер Алексис Ципрас рече дека Меркел, веќе извесно време сакала да дојде во Грција, а нивната врска е врска на доверба. За поддршката на Меркел на Договорот од Преспа, грчкиот премиер истакна дека „секој логичен човек во Европа ќе го поддржи договорот“.

„Процесите за ратификација на Договорот од Преспа во Грција, ќе почнат веднаш откако во Скопје ќе завршат уставните измени и резултатот ќе и биде соопштен на официјална Атина“.- изјави Ципрас.

Ципрас изрази убеденост дека постои мнозинство во Парламентот како за Договорот од Преспа, така и за доверба на Владата, но и надеж дека неговиот коалициски партнер нема да ја турне владата. Портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки, претходно изјави дека Кирјакос Мицотакис на Меркел ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа, дека Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент.

За посетата на Меркел се ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција. Паралелно анархистички групи и организации, левичарски вонпарламентарни партии и Златна зора за време на посетата на Меркел закажаа одвоени протести, во различни делови на центарот на Атина.

0 Коментари

Остави коментари