Меркел: Не се постигна договор – Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за Македонија до мај следната година

Историска грешка на Европската унија, разочарување и извинувања до Македонија и Албанија, во ваков тон поминаа поголем дел до прес конференциите на европските лидери после неможноста да се постигне согласност за давање на залено светло за преговори за Скопје и Тирана.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на европската комисија, Жан Клод Јункер на заедничка прес конференција кажаа дека се разочарани од немањето одлука за датум.

„Тие се подготвени, но неколку земји членки не се подготвени и лично мислам дека тоа беше грешка. Сакам да им испратам порака: ‘Ве молам, не се откажувајте!‘. Јас ја разбирам вашата фрустрација во овој момент, затоа што вие завршивте работа, не и некои од нас. Македонија и Албанија го положија испитот, не и Унијата. Лично, чувствувам срам. Понекогаш треба премногу време за да се донесе одлука, но сигурен сум дека еден ден ќе бидете полноправна членка на Европската Унија.“ - изјави Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Франција, Данска и Холандија биле трите земји кои имале најголем проблем со проширувањето вели германската канцеларка Меркел, која исто така изрази разочарување од одлуката. Меркел вели дека до самитот на Западниот балкан на пролет во Загреб за време на хрватското претседателство советот на ЕУ повторно ќе расправа за преговорите за Македонија и Албанија.

„Контактираме со овие земји за да ги намалиме последиците на најмало можно ниво, но ќе има разочарување, зборував со Зоран Заев денеска на телефон но ќе се вратиме повторно на ова прашање. Двете земји направија големи чекори, процесот на ветинг во Албанија трае веќе долго време. Од друга страна, Македонија направи многу значаен договор за името. За нас е попаметно да ги одржуваме земјите заедно, кога ја гледате мапата, сфаќате дека е многу важно овие земји да станат дел од Европската унија.“ - изјави Меркел.

Францускиот претседател Макрон кој е најголем противник на проширувањето на Европската унија објасни зошто бил и против раздвојување на Македонија и Албанија како што имало предлог.

„Некој кажа дека имало заеднички став да се даде зелено светло за Албанија и Македонија, но тоа не е точно, големо мноизинство беше за Северна Македонија но повеќето земји беа против Албанија. Верувам дека да дозволевме преговори за Македонија а не за Албанија ќе беше лошо за регионот, ќе имаше протести во сите земји каде што живеат албанци, јас ја поздравувам храбрата работа на премиерите Рама и Заев и ќе ги посетам во наредните месеци.“ - изјави Макрон.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, посочи на Твитер дека одговорноста за поразот околу отпочнувањето преговори е кај Европската Унија, бидејќи Македонија и Албанија го испорачале ветеното.