Меркел го користеше името „Северна Македонија“ на прес конференцијата со Ципрас
Foto

Меркел го користеше името „Северна Македонија“ на прес конференцијата со Ципрас

Под силни безбедносни мерки, но и со протести, главно на левичарски организации и анархистички групи во дводневна посета на Грција пристигна германската канцеларка Ангела Меркел. Веднаш имаше средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. На заедничката прес конференција, грчкиот премиер рече дека разговарале и за Балканот и за важноста за мирот и стабилноста во регионот, но и за договорот од Преспа.
„Ја нагласивме важноста што Преспанскиот договор ја има за регионот и за Европа, како чекор напред и како современ договор и за други спорови, што покажува дека заемно прифатливи решенија, без наметнување на ниту една страна се можни“. - изјави Ципрас.
Благодарна сум за Преспанскиот договор и на Алексис Ципрас, кој работеше со господинот Заев за да се изнајде решение во спорот за името, рече германската канцеларка.
„Името Северна Македонија е јасно. Јасно е и дека односите се создадени. Можам само да му честитам на грчкиот премиер затоа што решението нема да и помогне само на Грција и на северна Македонија, туку и на цела Европа. Верувам дека решението за името ќе донесе и економски ефекти во двете земји. Нема да се инволвирам во плановите на другите партии во Грција. Едноставно би сакала да го пропагирам крајот на прашањето со името. Ќе разговарам со Мицотакис без да сакам да дадам голема вредност на мојата улога“. - изјави Меркел.
Утре, Меркел ќе биде примена од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, утре напладне, Меркел ќе има средба и со лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Од опозициската Нова Демократија на Меркел ќе ѝ ја повторат позицијата во однос на Договорот од Преспа, дека партијата нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент. Премиерот Ципрас и министерот за одбрана и коалициски партнер во Владата Панос Каменос ќе одржат средба утре на која ќе разговараат за опстанок на владината коалиција. Ципрас вели дека ако лидерот на Независни Грци се одлучи да ја повлече довербата во Владата, ќе бара гласање за доверба. А, за посетата на Меркел се ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција, а сообраќајот во центарот на Атина е под посебен режим. Со слогани „Меркел непожелна“, „Грција надвор од НАТО, ЕУ и ММФ“, „САД не е потребен“, во центарот на грчката престолнина и пред канцеларијата на ЕУ протестираа левичарски организации, анархистички здруженија и припадници на Златна зора. Тие главно се држеа на мотото дека Меркел доаѓа во Грција да промовира посебни германски интереси на Балканот.

0 Коментари

Остави коментари