МЕПСО: Долгот од компанијата на Божиновска се уште се наплаќа

СДСМ продолжува да ја напаѓа министерката за енергетика Сања Божиновска дека нејзината компанија со години на МЕПСО му должи пари за струја. Таа ги отфрла обвинувањата и за ТВ 24 вели дека на овој начин опозициската партија се обидува да ги прикрие криминалите кои ги направиле во државните енергетски компании.

Божиновска најавува дека ќе поведе постапки и ќе бара одговорност од претходните функционери бидејќи според неа направени се големи злоупотреби и криминали во енергетскиот сектор по последниве седум години.

„СДСМ се плаши од најавената активност на министерката Божиновска па се труди со измислени афери да наметне тема која не постои. Очигледно проблемот на СДСМ не е Божиновска , туку нивниот криминал. Нема да ве покријат за криминалот сите афери што ќе ги измислите. Ќе одговара секој што се огрешил без исклучок.“ - вели Божиновска.

СДСМ вчера објави дека Сања Божиновска во 2017та , останала должна на државната МЕПСО речиси 1 милион евра. Од опозициската партија велат дека многу реално е и во иднина да има вакви случаи бидејќи сега Божиновска е на министерска позиција и нема кој да ја контролира.

„Фирмата на Божиновска никогаш не ги вратила парите што значи долгот останал. Ако е така мора итно да поднесе оставка. Божиновска поседува недвижнини од речиси еден милион евра, онолку колку што и должи на државата. Дали со овие пари набавила дел од недвижностите и становите?СДСМ се сомнева дека преку слични шеми се планираат малверзации и заработки од страна на Мицкоски и Божиновска и дека токму ова е причината за создавање на новото министерство за енергетика.“ - велат од СДСМ.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека МЕПСО морал да реагира поажурно за да си го наплати долгот. Тој вели дека нема ингеренции во однос на должници кон енергетските државни фирми.

„МЕПСО не изреагирал и тој долг понатака дел по дел е исплаќан, во изминатиот период делови од долгот, колку што имам информации.“ - вели Бислимовски.

Од МЕПСО не ни доставија информација колкав е долгот на компанијата на сегашната министерка Сања Божиновска. Само ни соопштија дека се води постапка за расчистување на долгот.

„Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител.“ - велат од МЕПСО.

Сања Божиновска доаѓа во владата како консултант за енергетика која премиерот Христија Мицкоски ја претстави како искусен експерт во делот на енергетиката. Ова е втор скандал во јавноста за новата министерка, таа претходно требаше и да и објасни на јавноста зошто има бугарски пасош.