Меџити: Ќе ги разрешам заедничките служби на скопска клиника, оти се загубари и не знаат што работат

На здравството во Македонија му се потребни реформи бидејќи е во катастрофална состојба, ваков став имаат и министерот и поголем дел од граѓаните.

Иако неубава вест, сепак конечно и еден министер да се согласува со мислењето на граѓаните, а новиот министер за здравство со најавените реформи како да буди надеж дека еден ден ќе имаме поинаква слика во македонското здравство. Една од најавените реформи на Меџити е и укинувањето на економските директори на клиниките за кои се трошат милионски суми,  средства кои може да се пренаменат за пациентите.

Дека Клиничките центри и болниците можат да функционираат и без овие економски директори доказ е Кумановската општа болница, која веќе шеста година по ред функционира токму без нив.

А причина за нефункционирањето на лифтовите во некои клиники пак, Меџити гледа во Заедничките служби кои треба да ги одржуваат и сервисираат лифтовите и иницираше нивно разрешување, бидејќи како што истакна, биле загубари и не знаеле што работат. 

Инаку, министерот за здравство минатиот месец најави дека ќе се укинат економските директори на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ и најверојатно ќе функционира со еден генерален директор. Но, во меѓувреме Телевизија 24 дознава дека на Детската Клиника во Скопје од месец април годинава има назначено т.н. организационен директор со ист врзан потпис со медицинскиот директор на оваа Клиника.

Па, се отвора прашањето дали оваа реформа навистина ќе се реализира. Останува времето да покаже.