Меџити го разреши од раководител на кардиохирургија д-р Јовев кој ја водеше првата трансплантација на срце

Министерот за здравство Фатмир Меџити потврди дека го разрешил директорот на државната кардиологија професор доктор Сашко Јовев.

Ова доаѓа само по неколку дена од отворањето на хибридната сала на клиниката која тој ја отвори во друштво на премиерот Димитар Ковечевски. Министерот за здравство вели дека повеќе ќе нема директори кои спијат на работниото место. Но,  во јавноста  Јовев е познат како доктор кој ги изврши првите трансплатации на срце во Македонија. 

„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или по десет години, немаат никаков резултат и затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено.“ - изјави Фатмир Меџити  министер за здравство. 

Според информациите, причина за разрешувањето на директорот е терминот кој го договорил токму Јовев со премиерот Ковачевски за отворање на хибридна сала, а за тоа не го известил министерот Меџити. 

Инаку, Меџити изјави дека реформата во здравството и укинувањето на Организациските директори на клиниките, нема да ги опфати и нивните секретарки, советници, помошници и останат персонал кој е во кабинетот. Тие ќе биде распределени во клиниката каде што работат. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека и медицинските директори ќе ја изгубат таа титула и ќе бидат раководители на клиники.   

„Ова го правиме со една цел, финансиската импликација и не само платите на директорите, туку и снабдувањето, тендерирањето и сето тоа. Сега секој сам тоа го прави, а сега ќе биде една куќа.“ - изјави Меџити.

Иницијативата за укинување на Организациските или економските директори како што се нарекуваат е на ЛДП. За нивно конечно укинување ќе биде потребно да се промени закон во собранието и затоа министерот не можеше да потврди дека оваа реформа ќе старува од почетокот на идната година.