Медицински тимови ноќеска ја извршија четвртата трансплантација на срце
Foto

Медицински тимови ноќеска ја извршија четвртата трансплантација на срце

Медицински тимови од Клиниката за урологија и Клиниката за кардиохирургија пред полноќ почнаа експлантација на бубрези и срце од 44-годишна пациентка која вчера попладне е дијагностицирана со мозочна смрт.

Според најавата од министерот Венко Филипче, тројца пациенти се подготвувале ноќеска за трансплантација на органите - срцето и бубрезите од донорот. Тоа е четврта трансплантација на срце во земјава од минатиот мај.

- Тројца пациенти се подготвуваат да ги примат органите. Постапката за трансплантација на срцето и бубрезите ќе започне после полноќ, по што ќе следува експлантацијата на коскени ткива. Голема благодарност на семејството за несебичниот гест. Со нивната хуманост спасија три животи и подарија надеж за подобар живот на неколку пациенти кои се лекуваат на Клиниката за ортопедија, напиша вчера министерот Филипче на Фејсбук.

Претходно, неколку часа екипите за трансплантација од повеќе клиники работеа на подготовка на донорот и реципиентите. Целата постапка ја водат болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство.

0 Коментари

Остави коментари