„Медена земја“ со историски две номинации за Оскар
Foto

„Медена земја“ со историски две номинации за Оскар

Приказната за последната одгледувачка на диви пчели , Атиџе, од селото Бекирлија, ја однесе Македонија во центарот на филмските остварувања.

Медена земја се бори во две категории за најпрестижното филмско остварување, наградата Оскар .За прв пат, филм од Македонија е номиниран во категорија најдобар документарец и најдобар странски филм.

По долго и неизвесно очекување, големиот број на награди и признанија, македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој минататат година беше апсолутен светски филмски хит, се запиша со златни букви во историјата на македонската кинематографија,

Екипата која 4 години работеше на документарниот филм, номинациите за Оскар ги следеше во Еквадор. Еуфоријата не изостана.

Големи се признанијата, но уште поголема е промената на која се надеваме – порача екипата на фејсбук страната на „Медена земја“.

„Ова е прв пат во историјата на „Оскарите“, документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документарниот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде што стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација.

Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно.“

Во конкуренција на Медена Земја во категоријата најдобар документарен филм, се најдоа и филмовите „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“.

Додека за најдобар странски филм , покрај Медена земја , номинирани се и „Корпус кристи“, „Клетници“, „Болка и слава“ и „Паразит“.

Досега, најблиску до наградата Оскар , беше филмот на Милчо Манчевски „Пред дождот“ во 1995 година. А за најпрестижната филмска награда, во рамки на Југославија беше номиниран и документарецот „Дае“ на Столе Попов пред точно 40 години.

За најмногу оскари оваа година ќе се бори филмот Џокер,откако денеска доби 11 номинации, следен од воената драма „1917“ и „Беше еднаш во Холивуд“ со по десет номинации.

Церемонијата на доделување на наградите Оскар и оваа година се случува во Долби Театарот во Лос Анџелес, на 9 февруари, со директен пренос во 225 земји ширум светот.

0 Коментари

Остави коментари