„Медена земја“ остана без Оскар - медените напишаа историја
Foto

„Медена земја“ остана без Оскар - медените напишаа историја

„Сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката“ - порача екипата на првиот македонскиот документарен филм „Медена земја“, кој беше номиниран во две категории, откако во раните утрински часови на свечената церемонија во Долби театарот во Лос Анџелес не успеаа да се закитат со престижната награда Оскар.

„Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и не подржуваа, ѝ се заблагодаруваме и на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муратова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ‒ земи половина, остави половина ‒ е едноставна, но длабока.“ - напишаа тие на својата фејсбук страна.

Медена земја не доби Оскар, но ја доби светската слава и го сврте вниманието на јавноста кон Македонија и пораката која филмот ја испрати, изјавија на црвениот килим за Дојче Веле режисерите Стефанов и Котевска.

Камерите и новинарите на црвениот килим не ја избегнаа и главната протагонистка на филмот, Атиџе Муратова, која и од таму успеа да испрати силна порака до светот, среќна и задоволна што филмот и го променил животот, Атиџе пред церемонијата посака еден Оскар но и публиката да извлече само една порака од филмот: како што таа споделува со своите пчели, така посака и сите луѓе да споделуваат едни со други.

Јас сум многу возбудена вечерва. Многу добро се чуствувам, и се надевам на еден Оскар.

Директорот на агенцијата за филм, Горјан Тозија, кој присуствуваше на церемонијата, за ТВ 24 во телефонски разговор изјави дека и покрај тоа што филмот не доби Оскар, екипата била во центарот на вниманието, а присутните звезди не го криеле воодушевувањето од филмот , едногласни вели беа сите дека Медена земја е ремек дело, кое сите треба да го погледнат.

Бевме рамо до рамо со најголемите, Роберт де Ниро упати пофални зборови за „Медена Земја“. Директорот на фотографија на Мартин Скорсезе пак изрази желба да се запознае со тимот на филмот, а на Атиџе и пријде со восхит, велејќи дека таа е негова инспирација.“ - изјави Горјан Тозија.

Ние испишавме историја на Оскарите, „Медена Земја“ беше првиот документарен филм номиниран и за најдобар интернационален филм“. 

Медена земја во категоријата најдобар документарен филм изгуби од првиот филм продуциран од поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел, Американска фабрика“  додека за најдобар интернационален филм наградата отиде во рацете на Бонг Џо Хо, за јужнокорејската траги комедија „Паразит“, кој доби награди и за најдобар филм, за најдобра режија и за оригинално сценарио, и се запиша во историјата, како филм од неанглиско подрачје кој триумфирал на Оскарите.

Оскарот за најдобра машка улога му припадна на Хоакин Феникс, за улогата на Џокер, додека оваа година Оскарот за најдобра актерка и припадна на Рене Зелвегер, за улогата на Џуди во филмот „Џуди“.

Филмот за Првата светска војна „1917“, кој се сметаше за фаворит во водечките категории, на крајот заврши само со три награди од 10 номинации - за камера, визуелни ефекти и монтажа на звук.

Сентименталниот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ му го донесе првиот Оскар - за најдобра споредна улога на Бред Пит. Лора Дерн го освои Оскарот за најдобра споредна женска улога во филмот „Брачна приказна“.

Губитник на вечерта е „Ирецот“ на Мартин Скорсезе кој заврши со празни раце и покрај номинациите во 10 категории.

0 Коментари

Остави коментари