Меѓупартиски обвинувања за позадината на инцидентот со фрлена бомба во двор

Политички судир меѓу владејачката партија и опозицијата по објавувањето снимка од експлозија на бомба во дворот на вработен во полицијата. Додека опозицијата отвора сомнежи за милионски тендери и сокривање информации од страна на МВР, власта ги отфрла обвинувањата како лажни вести и шпекулации. 

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го повика Јавното обвинителство да истражи безбедносен инцидент што се случил во населбата Бардовци во Скопје. Димитријевиќ рече дека според информациите кои ги имаат, Милко Бошковски, во чија куќа во Бардовци е фрлена бомба, е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски, негов личен пријател и близок соработник. Причината за фрлената бомба, според информациите од свиркачите, вели Димитријевиќ, е нереализиран бизнис-договор со провизии

Како одговор на обвинувањата, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со остра реакција ги ги квалификуваше наводите на опозицијата како „фабрика од талогот на лажни вести“ и шпекулации без докази. Од партијата истакнаа дека инцидентот не бил сокриен туку бил уредно евидентиран и информиран во официјалниот билтен на МВР.  

„Фабрика од талогот на лажни вести повторно погреши. Прво, МВР има информирано за инцидентот во својот билтен. Ете доказ на фотографијата. Второ, не е точно дека е фрлена бомба во домот на полицаецот, туку во домот на неговиот татко. Трето, СДС нема докази, само шарена приказна и шпекулации. Тоа е исто така како да кажеме дека Венко зема пари за операции и тоа е јавна тајна.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

СДСМ вчера објави и снимка од камера од видеонадзор на која е прикажан инцидентот. Јавниот дискурс остана поделен меѓу барањата за одговорност на високи позиции и институции како МВР и одговорите на владејачката структура која инсистира дека целата афера е политички мотивирана конструкција.