Меѓународна потерница за 18 годишникот кој со возило усмрти жена и побегна кон Србија
Покрај Централна потерница распишана е и меѓународна потерница за момчето кое возејќи кола без дозвола усмрти жена во Капиштец и заедно со неговиот татко побегнале во соседна земја.
Од Основното јавно обвинителство велат дека од нивна страна е издадена наредбата за распишување на меѓународната потерница со целокупната документација. Но, дилемата во јавноста е поради кои причини МВР при распишување на потерницата не објавува детали и фотографија како во други ситуации кога се трага по одредена личност. Од МВР појаснуваат дека:
„Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по лицата и интензивно се преземаат мерки за нивно пронаоѓање. Објавата на официјалниот сајт на МВР се врши врз основа на проценка на органите на прогонот и имајќи ги предвид околностите кои треба да гарантираат успешност на потрагата.“ - велат од МВР.
За адвокатот, Јанаки Митровски спорно е тоа што во конкретната ситуација и покрај распишани потерници не се даваат клучни информации кога веќе се трага по лицата кои сториле дело со смртни последици.
Против момчето кое ја прегази жената е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и за ,,неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода”. Тој без возачка дозвола прегази 79 годишната жена во центарот на Скопје и сега е во бегство.

