Меѓународна поетска награда за Никола Маџиров во Кина

Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People - International Poetry Award) која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу.

Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија. Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на Златниот венец на СВП како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.

Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“. Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.

Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.