Меѓународна конференција за Украина во Париз
Околу 20 европски лидери ќе се сретнат денеска во Париз за да испратат порака до рускиот претседател Владимир Путин за европско решение за конфликтот во Украина и да ги побијат тврдењата на Кремљ дека Русија ќе победи во двегодишната војна, соопшти Елисејската палата.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги покани своите европски колеги во Елисејската палата на работна средба што беше набрзина договорена поради ескалацијата на руската агресија во изминатите неколку недели, информираат советници на Макрон.
- Сакаме да испратиме многу јасна порака до Путин дека нема да победи во Украина. Нашата цел е да ја уништиме идејата која тој сака да ни ја всади, дека ќе победи, изјави советник на францускиот претседател.
По првичните успеси во потиснувањето на руската армија, Украина претрпе порази на источниот фронт, при што нејзините генерали се жалеа на недостиг на оружје и војници.
На конференцијата е најавено присуството на германскиот канцелар Олаф Шолц, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, шпанскиот премиер Педро Санчез, холандскиот премиер Марк Руте, како и лидери од нордиските и балтичките земји. САД ќе ги претставува Џим О’Брајан, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, а Канада министерот за одбрана Бил Блер.
Француски функционери рекоа дека безбедносната конференција во Минхен што се одржа претходно овој месец, која се совпадна со смртта на рускиот противник на Путин, Алексеј Навални, беше обележана со „песимизам и очај“ и оти Макрон сака да се спротивстави на тоа.

