Меѓународен ден на лицата со попреченост, дали се прави доволно за нив?
Ќе се воведува регистар на лица со попреченост за да бидат работно оспособени и конкурентни на пазарот на труд, а во министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се воведува "тело" преку кое ќе се врши проценка на попреченост за остварување на правата на пензиско и инвалидско осигурување како и права од социјална и детска заштита, изјави министерот Фатмир Лимани на Меѓународниот ден на лица со попреченост.
- Со ова ќе се овозможи лицата со попреченост да бидат конкурентни на отворениот пазар на труд и во таа насока е воведувањето на центри за професионална рехабилитација за работно оспособување на лицата со попреченост. - Фатмир Лимани.
Во системот на социјалната заштита има околу 133 лиценцирани даватели на социјални услуги, кои им помагаат на 396 корисници, додека пак услугата лична асистенција која ја даваат четири лиценцирани даватели во повеќе општини, ја користат околу 880 лица со попреченост.
Координаторот на Коалицијата „Менуваме“ пак вели дека министерот Лимани ги дискриминирал лицата со попреченост кога најавил селективно зголемување на додатокот за попреченост и дополнително тврди дека персоналните асистенти од септември не се исплатени.
Децата со оштетен слух, се загрижени за својата иднина, велат оценувањето ни е како на лотарија, од ракав добиваме двојки и тројки а со нас работат наставници кои не го знаат знаковниот јазик, покажува извештајот на народниот правобранител.
Децата со попреченост и натаму се меѓу најранливите деца во нашето општество кои немаат квалитетно образование и поради тоа се загрижени за својата иднина и понатамошно вработување. Нивниот образовен процес е нарушен поради недоволно обучени наставници, недостаток од образовни асистенти и недостаток од соодветна инфраструктура, се вели во новиот извештај на УНИЦЕФ по повод 3ти Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.