Матис се повлече од тимот на Трамп и местото секретар за одбрана
Foto

Матис се повлече од тимот на Трамп и местото секретар за одбрана

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во февруари идната година се повлекува од функцијата. Во писмото за неговата оставка наведува дека ставовите не му се совпаѓаат со оние на претседателот Доналд Трамп. Во писмото за оставката, 68 годишниот Матис, меѓу другото, ги спомнува политиките на Трамп кон Русија и Кина, наведувајќи дека неговата политичка перспектива на негување на традиционалните сојузи, повеќе не може да се помири со онаа на претседателот. Оставката на Матис ја соопшти претседателот Трамп на неговиот твитер профил.

„Генералот Џејмс Матис ќе се повлече од функцијата кон крајот на февруари откако две години ја извршуваше функцијата секретар за одбрана. За време на неговиот мандат е направен голем напредок, особено во купувањето нова воена опрема. Матис ми беше од голема помош за именување советници, но и други држави да ги платат нивните воени обврски. Наскоро ќе соопштиме кој ќе ја преземе неговата функција.“

За заминувањето на Матис се шпекулираше неколку дена откако Трамп најави повлекување на американските сили од Сирија и покрај противењето на американските сојузници и високи воени претставници. Секретарот Матис во неговата оставка наведува дека се повлекува за да може претседателот Трамп да добие секретар за одбрана чии ставови ќе му бидата блиски.

„Имате право да имате министер за одбрана чии ставови подобро ќе се сложуваат со вашите за оваа или онаа тема, сметам дека за мене е исправно да се повлечам од својата позиција“.

Матис во оставката укажува и на тоа дека американските сојузници ги третирал со доверба и дека ги користел сите средства на американската моќ да обезбеди заедничка одбрана. Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс ги потврди несогласувањата на релација Трамп – Матис.

„Тој и претседателот имаат добри односи, но понекогаш тие не се согласуваат. Претседателот секогаш ги слуша членовите на неговиот тим за национална безбедност, но на крајот од денот одлуката ја донесува претседателот“. - изјави Сара Сандерс – Портпарол на Белата куќа.

Американските конгресмени, и од Демократската и од Републиканската партија, веднаш изразија негодување околу заминувањето на Матис за кој се смета дека е еден од посигурните актери во администрацијата. Матис и Трамп, исто така, беа со спротивставени ставови за распоредувањето на војниците во Авганистан, бидејќи Трамп, исто така сака да ги врати дома. Матис можеби е највисокиот профил кој најдолго служел во кабинетот на Трамп, кој пак се соочува со оставки, заминувања и отпуштања.

0 Коментари

Остави коментари