Масовен собир во Белград: Реки народ од сите краеви на Србија се собраа во главниот град на завршен митинг против власта
Во тензична атмосфера во Белград се одржува голем студентски протест кој е кулминација на повеќе-месечните улични протести. Огромен број студенти и граѓани се собраа на улиците во Белград, а распоредени се и голем број полициски сили. Протестот наречен „15 за 15“ кој првично беше планиран да се одржи само пред народното Собрание во Белград, се одржува и на плоштадот Славија поради, како што велат судентите, безбедносни причини. Студентите бараат политичка и правна одговорност за несреќата во Нови Сад и исполнување на четири барања, објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против студентите и граѓаните приведени за време на протестите, поднесување кривични пријави против сите напаѓачи на студентите, професорите и граѓаните за време на блокадите и за 20 отсто зголемување на буџетот на факултетите.
Студентка на факултетот за применета уметност: „Сите четири фигури, кукли ги претставуваат нашите четири барања, од кои ниту едно во моментов не е исполнето“.
Порачаа дека најостро го осудуваат секој облик на насилство и дека целта на протестот не е да се упадне во ниту една институција или да се нападнат неистомисленици. Велат дека нема да дозволат нивните протести да бидат обележани со инциденти, туку исклучиво од нивната решителност и заедничка визија за подобро општество.
„Масовност на луѓето, по ова не може да се оди назад“
Свирежи одекнуваат низ Белград, а демонстрантите носат спрски знамиња и транспаренти со натписи „Готов е!“. Се скандира и пее „Пумпај“, слоганот усвоен за време на четиримесечните протести.
Околу пладне се случил инцидент кога автомобил удрил во демонстрантите кои се движеле кон центарот на градот. Три лица се повредени, а возачот бил уапсен. Уапсено е лице кое им се заканувало на редарите со бомба. Во Белград.нема градски превоз од безбедносни причини. Српското МВР соопшти дека се уапсени десетина лица поради нарушување на јавниот ред и мир и дека се оштетени голем број трактори во близина на Пионерскиот парк каде што во шатори се сместени студентите кои сакаат настава. Српскиот претседател Александар Вучиќ кој денеска беше во обиколка на градилиштето експо 2027 изјави дека ќе ги издржат сите напади и притисоци.
По воведните говори, ќе се прикажува видеото „Омраза/Љубов“. Програмата продолжува со хорски настап, а ќе следуваат говори од просветните работници. Околу 19 часот ќе се организира молк за загинатите во Нови Сад, а во 20 часот организаторите ќе одржат говор насловен „Социјалниот фронт“, а 15 минути подоцна ќе следи нешто што е најавено како „Најголемата врева во Србија“. Завршниот говор е закажан за 21:00 часот, а во 21:20 часот ќе започне акцијата за расчистување со музичка програма.