Маск отпушти половина од вработените во Твитер и тоа по мејл

Новиот сопственик и директор на „Твитер“, Илон Маск, ја бранеше одлуката за драстично кратење на работните места, велејќи дека немал избор зашто компанијата губела над четири милиони долари на ден. Шефот за безбедност и интегритет во „Твитер“, Јоел Рот, навести дека 50% од вработените низ светот вчера добиле отказ.

Маск најави големи промени на оваа социјална мрежа откако ја купи компанијата за 44 милијарди долари. Тој кажа дека на сите кои остануваат без работа им била понудена отпремнина од три месечни плати, што е 50% повеќе од законската обврска.

Маск вчера ги обвини активистичките групи за огромниот пад на приходите на „Твитер“, сметајќи дека тие се обидуваат да ја уништат слободата на говорот во Америка.

По вчерашните извештаи дека отказ ќе добијат половина од околу 8.000 вработени, се појавија и прашања за иднината на персоналот кој работи на спречување на ширењето дезинформации и други штетни содржини. Рот кажа дека најголем дел од овие 2.000 модератори нема да бидат отпуштени и дека неговиот тим ќе биде намален за само 15%.