Масакар во Хрватска, поранешен бранител убил најмалку шестмина во дом за стари лица
Шест лица се убиени во дом за стари лица во Дарувар, град на 130 километри југоисточно од Загреб. Педесет и едно годишен маж, поранешен бранител, влегол во домот за стари и почнал да пука во луѓето.
Во домот влегол со пиштол, ја убил мајка си, штитеници и вработени. Напаѓачот потоа побегнал, но полицијата набрзо го уапсила во кафуле во близина на градот. Еден од сведоците вели дека откако го извршил делото влегол во кафулето.
„Тој човек што тоа го направи, влезе во кафулето, мавташе со пиштолот, никој не знаеше за што се работи, мислевме дека е шега“.
Градоначалникот на Бјеловарско-билогорската жупанија Марко Марушиќ изјави дека се случила невидена трагедија
„Сите сме во шок. Изразувам најискрено сочувство до семејствата. Истрагата е во тек. Полицијата си ја врши работата. Останатите повредени се пренесени во болница. Се надеваме дека ќе биде добро. Ќе направиме се за да помогнеме.“ - изјави Марко Марушиќ – градоначалник на Бјеловарско-билогорската жупанија.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, изрази сочувство до семејствата на загинатите.
„Згрозени сме од убиството на пет лица во Домот за стари лица во Дарувар. Изразуваме сочувство до семејствата на жртвите и надеж за оздравување на ранетите. Очекувам надлежните органи да ги утврдат сите околности на страшното злосторство.“ - изјави Пленковиќ.
Хрватските медиуми пренесуваат дека убиецот е пензиониран боен полицаец од Доњи Дарувар. Истрагата треба да ги утврди причините за пукањето.