Марковски во СТУДИО 10: Мостот „Беласица“ нема да се урива, санацијата ќе трае и дотогаш мора да биде затворен од безбедносни причини

Ја исклучувам можноста дека мостот „Беласица“ треба да се урне и сметам дека може и треба да се изврши санација. Точно е дека вакви работи ретко се случуваат но се случуваат, вели професорот од Градежниот факултет Горан Марковски во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Тим од нашиот факултет учествуваше и во изградбата на овој мост, па оттука ги имаме сите потребни информации за карактеристиките на мостот. Сега треба да добиеме информации од увидот за карактеристиките на пожарот и температурата на која бил изложен. Треба да се испитаат својствата на материјалите и колку се тие деградирани за да може да се изврши санација, вели проф. Марковски.

Тој е сигурен дека мостот може да се санира - мостот го сочинува бетон, арматура и кабли за пренапрегнување кои се чувствителни на високи температури а имаат значаен придонес во носивоста. Професорот вели дека бетонот ја штити арматурата и каблите за претходно напрегање и сега треба да се утврди од стручни градежни инженери колкави се оштетувањата односно колку бетонот успеал да ги заштити конструкциите.

- Не е ретко мостовите да се користат за пренос на инфраструктура и инсталации, но битно е тие да се заштитат заради безбедност на минувачи и прашање е од каков материјал ќе се изведат за да не го загрозат мостот. Колку што ми е познато, мостот е искористен за пренос на цевки за греење и поради нив дошто до пожар, вели проф. Марковски.

Времетраењето на пожарот било 4 часа што не е мал период. Оттука можно е да е доведена под прашање носивоста на мостот и тоа треба да се утврди. Она што најмногу ги загрижува градежните инженери е состојбата на каблите за пренапрегање. Ако тие успеале да се заштитат санацијата ќе чини помалку, но ако се оштетени санацијата ќе биде поскапа и ќе трае подолго.

- Пренапрегнатите кабли се прават од најфинчелик кој за жал е чувствиителен на високи температури. Но санацијата на мостот може да се изведе со замена на овие кабли. Според мене, потребни се три месеци за да се испита и да се донесе заклучок дали овој мост може во меѓувреме да се користи. Тоа е почетен период. А за понатаму ќе зависи од сознанијата за мостовската контрукција. Потоа ќе следуваат тендерски постапки и од тоа ќе зависи за колку време ќе се санира овој мост, вели проф. Марковски.

Според Марковски ако сега се користи мостот постои голем ризик и не е добро да се остави да се користи. Тој додава дека единствено исправно решение е затворање на мостот.