Марковска во СТУДИО 10: Проблем со Бугарија е што ние премолчуваме кога треба да го браниме нашето достоинство

Односите меѓу Бугарија и Македонија никогаш не биле олку нарушени, иако никогаш и не биле на особено ниво. Македонија станува монета на поткусурување кога политичките елити градат поени за сметка на земјата, вели Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка, во СТУДИО 10 на ТВ24.

-Не верувам дека Бугарија ќе ги прекине дипломатските односи. Ова е повеќе од нивни внатрешнополитички причини. Повлекување амбасадор е прилично сериозна работа и значи спуштање на дипломатските односи. Втората причина е случајот на тепањето, кој е за осуда, но тие сакаат да го издигнат на европско ниво со тоа што зборуваат за тепања и палења за кои јас не знам кога воопшто и се случувале, вели Марковска.

Марковска вели дека и во најлошите економии кога е економскиот интерес соработката продолжува дури и меѓу завојувани страни. Таа вели дека проблем е што ние со премолчување во одбрана на нашето достоинство самите страдаме. Таков е и случајот со Џамбаски.

-Европратеник доаѓа со свои следбеници кај нас да ни каже дека не постоиме, тоа е срамота оти тој има мандат од ЕУ не од Бугарија, вели Марковска и додава дека ако некој доаѓа во службена посета не му треба свита.

Марковска вели ако некој од Македонија појде во Бугарија и ја навредува земјата несомнено ќе заврши в затвор. Тепања и палења имало во времето на бугарската окупација и во времето на балистите, не само против Македонците туку и против Албанците. Оттука, не знам за кои палења зборува бугарскиот министер Милков, додава Марковска.

Таа реагира на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека е Албанец од Македонија кој е министер во Владата и додава дека тој треша како министер да ги штити интересите на Македонија и сите македонски граѓани.