Марков за ТВ 24: Мостот на Црна река ќе биде саниран најмногу за еден месец
Железничкиот сообраќај до Грција ќе се врати околу нова година. Тогаш ќе заврши санацијата на оштетениот мост на реката Црна, кај Стоби, кој попушти минатиот месец, втор пат во последните пет години.
Од МЖ Транспорт не знаат колку ќе чини поправката, иако очекуваат тендерот да заврши деновиве. За дефектот вина гледаат во положбата на мостот, кој е на влив на две реки, во оној кој неконтролирано ја испуштил Црна Река па го оштетила столбот, а се амнестираат и од одговорност што во 2018-тата, кога од иста причина се оштети, па се санираше првиот столб, не се реконструираше и овој, кој сега попушти, иако дел од експертите повикуваа на тоа.
И покрај многуте дефекти и аномалии, Марков не се согласува дека железничкиот сообраќај во земјава е колабиран. Вели дека честите кражби на кабли и делови од пругата се причина возовите да возат бавно, па ги повика надлежните да ги променат законите и ваквите кражби да ги квалификуваат како диверзија, а не како прекршок. Пред две недели МАкедонија потпиша меморандум за изградба на брзата пруга Ниш - Скопје. Според Марков, земјава не смее да ја пропушти шансата за поврзување на целиот коридорот 8 со брза пруга. Но, за тоа ќе мора да се град нова траса.
И додека властите разговараат за изградба на нова пруга, поради оштетениот мост, железницата губи огромни пари од прекинатиот транспорт од Солунското пристаниште кон Европа, а патниците на релација Скопје - Гевгелија се малтретираат возејќи се со воз, па автобус, па повторно со воз.

