Маричиќ се уште се надева на уставни измени, ВМРО-ДПМНЕ му порача да пие витамини, наместо вино

ВМРО-ДПМНЕ му сугерира на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ да пиел витамини наместо вино.

Од опозициската партија велат дека не знаат дали бил и тој на винскиот саем во Белград но, според изјавите што ги давал и според постапките, потврдувал дека бил и уживал во доброто вино,но се испоставило дека му штети, па затоа му препорачуваат суплементи. 

- Факт е дека виното му штети, затоа да бидеме сериозни подобро е да пие витамини, наместо вино. Маричиќ е министерот кој го има најлошиот извештај на Европската Унија досега.Дополнително европската агенда е блокирана пред се поради неспособноста и криминалот на владата, и поради обидот да се наметне бугарски диктат кој го подржува владата на Ковачевски. Со Маричиќ, СДС и ДУИ, ЕУ е само далечна желба наместо реалност на која треба да работиме. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата реакција од ВМРО-ДПМНЕ дојде, по денешната изјава на вицепремиерот за европски прашања Маричиќ дека не се откажуваат од намерата се до крајот на мандатот на овој собраниски состав да ги убедувале ВМРО-ДПМНЕ да ги гласаат уставните измени. 

Инаку вчера СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ неформално постигнаа консензус за тоа кога да се одржат изборите. Премиерот Ковачевски изјави дека почетокот на мај е доволно време да се стигне со изборите а ВМРО-ДПМНЕ експресно возвратија дека тоа бил чекор кој го барале и очекувале од страна на власта.