Маричиќ на „Балкански интегративен форум“: ЕУ да направи јасен план за проширување на Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ говореше на „Балканскиот интегративен форум 2022“, како панелист на тема „Западен Балкан и проширувањето на ЕУ – одраз на руската агресија врз Украина“.

- Сега е најважно што побрзо ЕУ да направи јасен план за проширувањето на Западен Балкан, со временска рамка во која земјите од Западен Балкан, или барем повеќето од нив ќе станат членки на Европската Унија. Со тоа ќе потврди дека Европската Унија функционира за Западниот Балкан и дека е единствен проект за регионот, рече Маричиќ.

Според вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Северна Македонија последните шест години направи многу и очекува тоа да се валоризира на соодветен начин, не со празни ветувања, туку со конкретен план, кога Северна Македонија, но и сите останати, кои веќе долго се во процесот, ќе станат членки на Европската Унија.

- Во последно време циркулираат разни нонпејпери, разни документи кои предложуваат таканаречено пристапување во фази. Тоа значи да пристапиме што побрзо, а при тоа да ги немаме сите оние привилегии и права кои ги имаат сите земји членки, да речеме право на комесари, право на вето и слично, истакна Маричиќ, потенцирајќи дека за нас е важно, дури и под такви услови, што побрзо да влеземе во Европската Унија и смета дека во таа смисла сите во регионот треба да имаме заедничка зацртана цел која ќе се претстави на Европската Унија. 

Вицепремиерот Маричиќ рече дека Европската Унија сè уште, длабоко во себе, е и мировен, и политички проект, бидејќи да не е воопшто не би се поставувало прашањето дали треба, или не треба Украина да биде членка, или Молдова и Грузија, или која било друга земја од источното партнерство.