Манифестацијата „Силно светнал ден“ ги засили политичките и етнички спротивставености

Власта прави ревизија на клучните историски факти. Опозицискиот СДСМ денеска обвини дека со неспоменувањето на членството во НАТО, членството во ОН и кандидатскиот статус во Европската Унија во спотот за 35 години независност, но и, како што велат, срамниот и понижувачки однос кон државното знаме, власта се обидува да прекрои дел од поновата македонска историја.

Од партијата велат дека наместо одговор кој е виновен за спорниот приказ на знамето на прославата во Охрид, јавноста добила објаснување дека станува збор за уметничка инсталација. СДСМ сега бара Владата да каже кој бил задолжен за визуелниот перформанс и кој ќе понесе одговорност за, како што го нарекуваат, понижувањето на државниот симбол.

Тонско: Андреј Жерновски – СДСМ

„„За ова мора да има последици. За срамната прослава со понижување на македонските државни симболи за знамето, законот јасно предвидува санкција. Според член 4 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната, исто така јасно е наведено како може да се употребува државното знаме. Има и казнени одредби, тоа е член 30, од овој закон за прекршочна одговорност доколку организаторот на јавен настан по грешка или незнање, истакне погрешно знаме.“

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата, оценувајќи дека СДСМ се обидува да ја омаловажи прославата на 35-годишнината од независноста. Од владејачката партија појаснуваат дека спорниот приказ не е погрешно државно знаме, туку дел од уметничка инсталација на која е прикажана рефлексија на сонцето. На опозицијата ѝ возвратија и со обвинување дека се против прославата на независноста и дека зад критиките се крие обид да се обезвредни целиот проект.

„Им пречи македонштината, им пречи историјата, им пречи убавината. Им пречи тоа што наши македонски изведувачи, актери и пејачи, ја шират македонската приказна, ги цитираат стиховите на Рацин, на Конески. Им пречи што се пеат стари народни македонски песни. Им пречи тоа што веќе нема поделби. Политички лешинари и глодари, таков талог на општеството, 35 години ја уништуваше Македонија. Истиот тој талог, го промени знамето два пати, името два пати, Уставот неколку пати, го избришаа дури и АСНОМ. Ги прифатија сите срамни предавства на штета на Македонија, за тие да си ги полнат своите џебови“.

Полемиката почна вчера, откако на прославата во Охрид, со која стартуваше карванот „Силно светнал ден“, на сценската визуелизација беше прикажано сонце со 12 наместо со осум краци, колку што има државното знаме. Фотографиите предизвикаа реакции во јавноста и на социјалните мрежи, а одговор од Владата на прашањето кој го одобрил визуелното решение нема и денеска. Во меѓувреме, карванот „Силно светнал ден“, со кој се одбележуваат 35 години од независноста, продолжува. Вечерва се сели во Битола, а утре ќе се одржи во Велес.