Манчевски: Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада прави неуспешни обиди за блокада
Потпретседателот на СДСМ и министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека кадарот што ВМРО-ДПМНЕ неполн месец го има во преодната влада со досегашно однесување не покажале ништо, освен дека се кадар на Никола Груевски кои работат против интересите на државата.
– Цел месец се во Владата и не понудија ништо конкретно, ниту една мерка ниту една препорака за тоа како евентуално институциите да функционираат подобро. Единствено што гледаме се блокади и обиди да се обнови режимот. Најверојатно тоа се и насоките што ги добиваат од Будимпешта. Последен доказ за тоа е и барањето на техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во својот кабинет да го смести советникот на Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски. Алексовски со години беше десна рака на Иванов, а низ сведочења за процесот за 27 април јавноста можеше да слушне и за неговата улога во организацијата на настаните од крвавиот четврток, рече Манчевски во партиското седиште.
Ги прозва и другите технички министри или дополнителни од опозициската партија. Тимот на Рашела Мизрахи, рече, бил составен од лица кои се креатори на проектот „Скопје 2014“ и од лица кои што биле дел од кабинетот на Диме Спасов, дополнителниот заменик министер за земјоделство Цветан Трипуновски наместо да се грижи за земјоделците, рече, упаднал во простории на негови вработени и јавно ги снимал и вршел политички притисоци, а е познат и по тоа што организирал партиски протести каде што функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ глумеле дека се земјоделци.
-Дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска во својот тим, исто така, има ангажирано лица блиски на Никола Груевски и Ѓорге Иванов, како и блиски соработници на поранешниот министер Зоран Ставревски кој што остави длабоки штети врз македонската економија. Невенка Стаменковска Стојковски, која што е дополнителна заменичка министерка за информатичко општество и администрација е самата директно кадар на Никола Груевски. Таа беше во првите редови пред судовите кога се одвиваа судските процеси против криминалот на Никола Груевски и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, рече Манчевски, додавајќи дека граѓаните на 12 април ќе го казнат таквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ.