„Мало невино убиство“ во Велешкиот театар
Црна комедија со француски шмек и домашна топлина ја освои велешката публика. Со долг аплауз и без празно седиште, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес премиерно беше изведена претставата „Мало невино убиство“, црна комедија по текст на францускиот драматург Жан-Пјер Мартинез, во режија на Деан Дамјановски. Во центарот на заплетот е едно навидум мало и безопасно недоразбирање, кое прераснува во лавина од лаги, апсурди и смешни, но човечки вистини. На сцената настапуваат Васил Зафирчев во улога на Алан, Кети Борисовска како Ева и Талија Настова како Ема, три лика што со духовитост и прецизна игра ја држат публиката во постојан ритам од смеа и изненадувања. Режисерот Деан Дамјановски ја опиша претставата како интелигентна комедија која оди по тенката линија меѓу реалноста и апсурдот.
Главниот лик го толкува Васил Зафирчев, кој и овојпат ја потврди својата препознатлива енергија на сцената.
Талија Настова, која игра семејна пријателка вплеткана во низата недоразбирања, вели дека токму блискоста со публиката, поставена на самата сцена, создала посебна магија.
Сценографијата и костимите се дело на Филип Коруновски, а гласот на нараторот го позајмува Сашко Костов. Публиката, која беше ограничена на осумдесетина места поставени директно на сцената, ја награди екипата со стоечки аплауз. Првите три изведби се целосно распродадени, што уште еднаш ја потврдува љубовта на велешани кон театарот и довербата во нивниот ансамбл.

