Мала трафостаница на ЕВН се запали во скопската општина Кисела вода
Серија на помали експлозии утрово ги разбуди жителите на населбата 11 Октомври. Ова видео кое ни го испрати еден од станарите, вели за неколку минути сите соседи се симнале доле пред зградата, исплашени и вознемирени да не дојде до поголем инцидент. Реагирала и полицијата која помагала станарите да ги напуштат своите домови.
Екипата на Телевизија 24 поразговара со дел од граѓаните кои живеат во оваа зграда, не беа расположени за изјава пред камера, но позади објективот ни кажаа дека не се чувствуваат безбедно бидејќи целото маало подолг период им е претворено во градилиште.
Од Електродистрибуција велат дека по пријавувањето на случајот нивните екипите веднаш интервенирале на терен се со цел локализирање и обезбедување на местото на настанот. Морале веднаш да го исклучат целиот реон од напојување со електрична енергија.
ЕВН
„На терен е констатирано дека од непознати причини е запалена надворешна изолација на кабли кои не биле под напон. Пламенот ги зафатил постоечките ормари што ја напојуваат соседната зграда, по што биле зафатени и нисконапонски кабли кои во тој момент биле под напон. Електродистрибуција активно соработува со сите засегнати државни институции за целосно расчистување на случајот.“
И Министерството за внатрешни работи направи увид на местото каде изби пожарот, и ни посочија дека се преземаат мерки за утврдување на причините за настанувањето на пожарот и за расчистување на случајот.
Стручните лица кои ги затекнавме како вржат увид на местото каде утрови изби пожарот во скопска Кисела Вода веднаш ја отфрлија можната причина дека преотовареност на мрежата е проблемот поради кој избил пожарот. Велат, иако на ова место се градат многу згради, сепак имало доволно помали трафостаници за секоја зграда.

