„Мала Богородица“ на „Систина“ до крајот на неделава ќе биде подготвена за КОВИД-пациенти
Foto

„Мала Богородица“ на „Систина“ до крајот на неделава ќе биде подготвена за КОВИД-пациенти

Старата гинеколошка болница на „Систина“, поранешна „Мала богородица“, ќе биде пренаменета во инфективно одделение каде ќе може да се лекуваат 100 пациенти, под контрола на Министерството за здравство. За пациентите ќе се грижи лекарски тим од трите најголеми приватни болници, „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.

Ова го договорија вечерва министерот за здравство Венко Филипче и сопствениците на „Систина“, „Жан Митрев“ и „Ре-медика“.

Како што изјави Филипче по средбата, објектот со дополнителните 100 кревети ќе биде на располагање до крајот на неделата, но доволен број кревети засега има и во болниците од јавното здравство.

Филипче порача, граѓаните да бидат сигурни дека нема да сносат дополнителни трошоци за лекување ако бидат препратени во приватните болници, зашто се ќе биде покриено од страна на државата.

-Постигнавме договор и обезбедивме дополнителни 100 кревети – ресурси кои државата ќе ги користи од приватните болници. Во објектот на „Систина“ ќе бидат обезбедени и кадар и материјали за работа, но и соодветен надоместок. Согласно постојните закони, ќе плаќа државата, рече Филипче.

Тој повтори дека утрово имал координација со сите директори на скоспките клиники и болницата „8 Септември“, а на линија е постојано и со директорите на општите болници.

-Оваа недела има доволен број кревети, а капацитетот на „Систина“ е дополнителен за перидоот што доаѓа, подвлече министерот.

-Постигнавме договор во интерес на граѓаните. Ако остане како што е договорено, сите три поголеми и другите помали приватни болници ќе бидат вклучени во помошта на граѓаните за борба против КОВИД-19 и сите наши ресурси со кои располагаме. Комплетно ги прифативме условите од Министерството, изјави сопственикот на „Систина“, Орце Камчев.

Според сопственикот на „Филип Втори“, Жан Митрев, сите се на ставот дека треба да помогнат колку што можат.

-Начелно имаме концепт и стоиме зад сето тоа. Министерот и Министертсвото треба да го водат сето тоа, ние сме тука да помогнеме и во опрема и во кадар и во логистика. Засега нема никакви недоразбирања или непто околу што би се расправале, напротив, мислам дека сме сите сме во тој правец – да помогнеме колку што можеме во оваа ситуација, истакна Митрев.

Дека трите најголеми приватни болници ќе бидат ставени во служба на граѓаните, потврдија и од „Ре-медика“.

Комуникацијата на министерот Филипче со трите најголеми привати болници, како што рече тој, ќе продолжи.

Стариот објект на „Систина“ целосно ќе биде опремен, ќе се инсталира и кислород за неколку денови, ќе се донесе опремата, а секоја од приватните болници ќе партиципира согласно можностите и големината. Бројот на кревети, 100, оцени Филипче, ќе биде доволен за во следниот период да се изменаџира кризата.

0 Коментари

Остави коментари