Максим Димитриевски: Исклучен сум со шверцерска одлука на неколкумина во СДСМ
Жалам за шверцерската самодонесена одлука од страна на поединци на раководството на моето СДСМ. Дури и одлуката која е соопштена е нестатутарна, ова за Телевзија 24 го изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово, откако генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, соопшти дека Димитриевски го прекршил статутот и сам се исклучил од партијата.
- Небулозата дека сам себе си сум се исклучил од партијата, нема да ја коментирам.. СДСМ е узурпирана од неколкумина, кои со своите интриги и манипипулации прават огроман штета кај членството и симпатизерите, а притоа сакаат Куманово да го трансформираат во свој пашалук. - Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.
Димитриевски нема информации дека Централниот одбор на партијата има донесено одлука за негово исклучување, но од СДСМ останаа на ставот дека Димитриевски го прекршил статутот..
- Господинот Максим Димитриевски со чекорот што го направи самиот се исклучи од СДСМ, согласно Статутот на партијата. Соодветна одлука за прекршување на Статутот носат надлежни органи во партијата, што може да се очекува во наредниот период. Останува фактот дека Димитриевски им сврте грб на граѓаните кои му дадоа довербата и му сврте грб на СДСМ. Во Куманово СДСМ оди на победа на локалните избори, ја имаме најдобрата понуда за кумановчани а тоа е: Оливер Илиевски, стои во соопштението на СДСМ.
Максим Димитриевски минатата недела собра потписи за независен кандидат, не чекајќи ги тактизирањата на партискиот врв околу утврдувањето на кандидатат за градоначалник.. Овој потег на Димитриевски само го официјализираше отворениот конфликт со партискиот врв.. Тој во неколку наврати од својот четиригодишен мандат покажа различен став од партискиот врв, како на пример за време на пандемијата, или во однос на спорот со Бугарија. Токму ваквите негови ставови, но и се поочигледните внатрепартиските несогласувања на Димитриевски со министерот за внатрешни работи Спасовски, веројатно се причината за кумановскиот судир во СДСМ.