Макс Ферстапен победи на трката во Бразил, Гасли втор, Хамилтон трет
Foto

Макс Ферстапен победи на трката во Бразил, Гасли втор, Хамилтон трет

Макс Ферстапен е победник на трката за големата награда на Бразил, по едно чудо возбудувања и инциденти. Од нив профитира и Пјер Гасли од Торо росо, остварувајќи го најдобриот пласман во кариерата со второто место на подиумот, а Луис Хамилтон од Мерцедес заврши трет.

Во трката имаше безбедносно возило на двапати, прво поради дефектот и откажувањето на Валтери Ботас, во 52. круг, по што дотогашниот лидер, а потоа и поради „самоубиствениот“ инцидент меѓу Шарл Леклер и Себастијан Фетел, на помалку од 10 круга до крајот на трката, поради што и двајцата останаа без пласман.

Ферстапен најчесто и најдолго беше лидер, почнувајќи од неговиот старт од првата позиција. Тогаш Фетел го загуби дуелот со Хамилтон, по што Британецот се истакна како главен предизвикувач на Ферстапен за победата. Преку неколку различни стратегии со гумите и двапати влегување во боксот, Ферстапен се стабилизира во водство на нешто повеќе од 20 круга до крајот, но тогаш се случи дефектот на Ботас и почна циркусот. На патеката излезе безбедносно возило, од Ред бул решија да ја искористат шансата за да му ги сменат гумите на Холанѓанецот, а од Мерцедес го направија спротивното. Ферстапен иако излезе зад Хамилтон, штом се повлече безбедносното возило, на 15 круга до крајот веднаш го престигна и си ја врати предноста.

Отворена беше битката за подиумот, а во желбата да стигнат до неа, Леклер и Фетел имаа дуел, Моначанецот го престигна повозрасниот колега, но овој за да возврати предизвика контакт и тоа беше доволно двајцата да излетаат. Ова беше повод за ново безбедносно возило, по што болидите повторно се збија на патеката, а Хамилтон, кој во тој момент беше втор побрза да ги смени гумите, па со свежи меки до крајот да се бори за што повисока позиција. И тој учествуваше во инцидент, со Алекс Албон, на два круга до крајот, за второто место, но од тоа подебелиот крај го извлече Тајланѓанецот, Хамилтон остана трет, а Гасли профитира со прв подиум во кариерата.

На само една трка до крајот на сезоната, во Абу Даби на 1 декември, Хамилтон води на табелата со 396 бода, Ботас остана на 314, а Ферстапен сега изби трет со 260. Леклер остана на 249, а Фетел на 230 на четвртата, односно на петтата позиција. Дополнителниот бод за најбрз круг овој пат не го освои никој, бидејќи најбрзиот круг го направи Ботас, кој трката ја заврши пред време.

0 Коментари

Остави коментари