Макроекономски прогнози
Храната во земјава е се уште скапа и тоа е неоправдано, оцени денеска гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска. Цените на прехранбените производи се двојно повисоки од нивото на светските цени на храната, споредени со оние од пред ковид кризата.
Сепак, Народната банка проектира пад на цените годинава и нивно стабилизирање догодина.
Иако минатата есен прогнозираше повисок економски раст, сега Народна банка го ревидира растот на 2,6 проценти оваа, и 3,6 отсто идната година. Инфлацијата годинава ќе забави на 3,5 проценти, што е значаен пад по ланските 9,4 отсто. Пониски од есенските се и проекциите за растот на бруто домашниот производ, што се должи на слабиот раст кај инвестициите лани, кои да пораснат, паднаа за речиси 17 отсто.
Сепак, влијание за ова имаат и лошите економски резултати на земјите, кои се главни трговски партнери на Македонија. Јавниот долг достигна 62 отсто, што е висок процент, па потребно е и негово намалување, но и сведување на буџетскито дефицит под 3 отсто. Гувернерката индиректно посочи дека посигурно е земјава да се задолжи кај институции, наместо кај држави, како што тоа го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Ангеловска-Бежоска вели дека и покрај оптимистичките прогнози за македонската макроекономска политика, неизвесноста останува и бара потреба од внимателност.