Макрадули, Герасимовски, Демири, Китев, Трајчуловски - фаворити на Филипче

Венко Филипче се екипира, работните групи од кои што треба да излезе новото раководство се крчкаат. Според информациите на ТВ 24 од висок партиски функционер во СДСМ, Филипче веќе има фаворити на кои ќе смета во наредниот период.

Јани Макрадули се враќа активно на Бихаќка, друштво според инфомациите на ТВ 24 во најтесното раководство на Филипче место ќе има и за екс организацискиот секретар на Димитар Ковачевски, Митко Трајчуловски кој се споменува за нов генеерален секретар на СДСМ. Во работната група на Филипче ќе се најде и градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, кој се се најавува како иден потпретседател.

Во работното тело место ќе има и за Агрон Демири, кој што беше втор на листата во шестата изборна единица на последните избори и т.н коносител на Славјанка Петровска, како и за поранешните пратеници Бетиан Китев и Лолита Ристова. Во работните групи се очекува да се најдат и дел од актуелните пратеници во Собранието, но најверојатно не од екс владиниот состав. 

- Во партијата се уште траат разговорите околу комплетно формирање на работните групи, кои ги најави и претседателот на партијата Венко Филипче. Освен за кадровските решенија се дебатира дали да се укине функцијата заменик претседател, вели за ТВ 24 висок партиски функционер. 

Според неофицијалните информации на ТВ 24 не сите поранешни функционери со кои разговарал Филипче прифатиле  да бидат дел од неговото ново раководство. Според истите информации, дел од поистакнатите пратеници од опозициските денови и на СДСМ го одбиле првиот социјалдемократ.

Работните групи треба да го организираат Конгресот во ноември, на кој што, ако СДСМ успее да обзебеди кворум, Филипче ќе треба да добие и продолжување на мандатот со статутарните измени, а да се гласа и новиот ЦО. Од каде потоа ќе се избере раководство  на партијата , т.е ИО и претседателството. 

Паралелно се менуваат и претседателите на општинските организации. Идејата што ја соопштил првиот опозиционер на сопартијците е дека планира општинските организации што рекол од нула да бидат сменети. Филипче беше избран за претседател на СДСМ на 30 јуни, по оставката на Димитар Ковачевски по историски најголемиот пораз на СДСМ на 8 мај.

Неговиот избор го следеа контроверзности, обвинувања за злоупотреби и  фалсификат, што ескалираше еден ден пред изборите во СДСМ од изборот да се повлече Славјнака Петровска. Филипче победи со  нешто повеќе од 9.000 гласа. Противкандидати му беа Александар Бајдевски и Јован Деспотовски.