„Макпетрол“ нема да увезува и испорачува природен гас до потрошувачите
Ќе остане ли земјава без природен гас. Единствениот увозник и добавувач во земјава Макпетрол најави дека од 1 јануари ќе престане да увезува и да ги снабдува своите потрошувачи. Тоа значи дека компаниите кои го користат овој енергенс, но и топланите во Скопје можат да останат без него.
На ваков чекор Макпетрол се одлучил поради новите услови на работа кои произлегуваат од договорот за интерконекција меѓу домашниот оператор ГАМА и бугарскиот Булгартрансгас, кој стартува од нова година. За властите со овој договор се прекинува монополот во трговијата со овој енергенс. За Макпетрол, тој е избрзан и неприменлив.
„Од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, „Макпетрол“ АД Скопје нема можност да отпочне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем преставува и фактот што и по 5 (пет) години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти“, велат од Макпетрол.
Макпетрол побарал од ГАМА да го убеди Булгартрансгас да продолжи да работи по старите услови до крајот на септември идната година, за дотогаш да се подготви и пазарот и законите, но не наишол на разбирање.
Од друга страна, познавач на проблематиката, кој сака да остане анонимен, за ТВ24 ваквиот потег на Макпетрол го оценува како притисок, поради тоа што оваа компанија ќе го изгуби монополскиот статус на пазарот, кој досега го имаше. Институциите засегнати од одлуката на Макпетрол денеска затечени. За првиот човек на слободните економски зони Јован Деспотовски, оваа одлука може да предизвика сериозни последици за бизнисот.
Што ќе се случува со скопските топлани, засега одговор од ЕСМ нема, иако тие имаат алтернатива, а тоа е работа на дизел погон. Во моментов таму тече оглас за набавка на природен гас за топланите за периодот од јануари до април идната година. ТВ24 дознава дека до крајот на денот засегнатите страни ќе седнат на заедничка маса, во обид да најдат решение за проблемот.