Маките за пациентите со цистична фиброза никако да завршат, сега немаат друг лек

Пациентите со цистична фиброза повторно мака мачат да дојдат до лекот креон, кој го нема во аптеките низ земјава. Проблемот трае веќе со месеци. Дел од пациентите одат во соседните земји да го набават, но во изминатиов период велат дека и таму тешко се наоѓа.

Лекот „креон“ е важен за пациентите со цистична фиброза бидејќи им помага за полесно варење на храната.

„Залихите се потрошени во речиси сите држави и чекаме во моментов одоборување на некоја нова слична терапија која може да го замени овој панкреасен ензим за да може да се обработи храната, да може да се искористат лековите кои ги користиме затоа што настанува премногу голем проблем заради недостатокот на креон дури и трикафтата за која се боревме долго време не може комплетно да се искористи во комбинација со неа, така што има пациенти кои веќе комплетно се без креон, тоа значи дека храната не им се обработува и не може добро да се апсорбира лекот.“ - вели Ивана Атанасоска - Асоцијација за цистична фиброза.

Од министерството за здравство велат дека станува збор за недостиг на глобално ниво поради што производителот доставувал ограничена испорака на овој лек и во нашата земја, но дека се работи на обезбедување на дополнителни количини и од друг производител.

- Се очекува испорака на овој лек во август и септември во нашата земја во приближни месечни количини како и претходно, а ограниченото снабдување со лекот Креон ќе продолжи и во тек на следната година. Истовремено, Министерството за здравство презема активности за обезбедување дополнителни количини на овој лек од друг производител. - велат од Министерството за здравство.

Недостигот од креонот се појавувал повремено и претходно, но овој пат веќе трае со месеци и пациентите бараат што побрзо надлежните да најдат решение и да обезбедат повеќе количини. Според проценките во земјава има стотина пациенти со цистична фиброза, меѓу кои најголем дел се млади и деца.