Македонско - српски бизнис форум во Скопје

Продлабочување на соработката меѓу Македонија и Србија, обединување на економските потенцијали и зголемување на увозот и извозот  меѓу двете земји, беа главните пораки кои беа испратени од денешниот македонско - српски бизнис форум што се одржа во Скопје.

На форумот свои обраќања покрај владините претставници, имаа и претставниците од бизнис заедниците од двете земји.

Потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Андријана Месаровиќ порача дека македонската и српската економија постојано се надополнуваат. Со тоа, според неа, се отвара можност за посилна соработка во сите економски области.

Андријана Месаровиќ потпретседател на владата на Република Србија и министер за економија

- Последните неколку години имаме раст на размената меѓу двете држави. Последните девет месеци од 2025 година извозот од Србија во Македонија е во вредност од 804 милиони евра. Тоа е раст од 16% во однос на истиот период претходта година. Истовремено преку 953 компании со македонски капитал успешно работат во Србија во делот на трговија, градежништво и ИТ сектор. Овие податоци покажуваат дека компаниите се компатибилни и меѓусебно се надополнуваат и постои можност за понатамошен напредок.

Претседателите на стопанските комори на Србија и Македонија, Марко Чадеж и Бранко Азески во своите обраќања најмногу се задржаа на потребата од зголемување на извозот. Азески објасни дека за мала држава како што е Македонија, извозот е клучен во подобрување на економијата. Чадеж пак порача дека доколку сакаме зголемен извоз, и двете држави треба да работат на подобрување и модернизирање на железничката инфраструктура. 

Марко Чадеж, претседател на стопанска комора на Србија 

- Потребна е стратешка поддршка и визија од страна на политичките лидери. Потребно е пред се да ја поврземе но и да ја модернизираме железничката инфраструктура која ќе ги поврзува Грција со Македонија па нагоре Србија, Унгарија и цел европски пазар. Тоа е важно и за патниците но и за извозот и размената помеѓу сите овие држави. Тоа е она што нам ни е потребно. 

Бранко Азески, претседател на Стопанска комора 

- Третото прашање кое е доминатно е прашањето кое ние мораме да го кажеме дека е доминатно и е алфа и омега на нашето постоење а тоа е  прашањето на зголемување на извозот. Ние како мали земји немаме никаква друга шанса освен да го зголемиме извозот. За тоа е потребна директна поддршка од Владатат. Не преку форми и алатки туку директна пооддршка со која ќе покаже дека владите го поддржуваат извозот и на тој начин ќе ги стимулираат фирмите кои ќе работат на тој пат. 

Иако на денешниот форум беше предвидено обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, сепак тој не присуствуваше поради како што соопштија од Владата, поради здравствени причини.

Дополнително, денеска во Владата, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и српската потпретседателка на Владата и министерка за економија Андријана Месаровиќ потпишаа Меморандум за соработка. 

За денешниот македонско - српски бизнис форум но и за потпишаниот меморандум за соработка, реагираа од опозициската СДСМ. Оттаму прашуваат дали премиерот Христијан Мицкоски не присуствувал на форумот поради случувањата во Србија, и дали тој бега од бизнис партнерите. Оттаму бараат и детали за тоа за што поконкретно бил потпишан меморандумот за соработка меѓу двете држави.