Македонско-бугарски спор
Има ли начин како да се надмине македонско бугарскиот спор и да се одблокираат евроинтегративните процеси на земјата. И додека се по затегнати се односите на релација Скопје - Софија македонски и бугарски студенти по политички науки и меѓународни односи преку симулација поддржана од Франција и Германија се обидоа да најдат решение на ова прашање во кое и двете страни би биле задоволни.
Во изјави за бугарската БТВ студентите објаснуваат дека на момент ги замениле улогите за полесно да може да се разберат позициите и на другата страна во пеговорите. За изнаоѓање на заеднички пат кон ЕУ велат важен е дијалогот но и емпатијата студентите тврдат дека немаат никакви проблеми меѓусебе и дека напротив добрата дискусија и те како може да ги приближи позициите.
Теодора Оронова студент на Универзитет во Софија
- Со Македонците секогаш сме се разбирале и никогаш не сме имале проблеми . Ова беше еден доста добар разговор и доста добро си одговараме како луѓе . Успеав да ја слушнам и другата страна бидејќи во еден конфликт секогаш има две страни . И најдобро е да ја слушнеме и другата страна за да можеме да го разбереме конфликтот и да најдеме соодветно решение.
Сите овие студенти изминатиот период имале средби со политичари и од Македонија, но и од Бугарија како и со меѓународни претставници и дипломати. Покрај студентите од Македонија и Бугарија во дискусијата учествувале и студенти од Германија и Франција.
Лиза Мари Грац студент на Универзитет во Берлин
- Ме интересираат Евроинтегративните процеси. Убаво е да учествуваме и ние и да се обидеме да го промениме фокусот односно од минатото сега да се посветиме на сегашноста и иднината . И Германија и Франција имале голем број на нерешени прашања но сега тоа е надминато и покажуваме како може да има една поинаква перспектива поволна за двете страни.
Матео Тилоа студент на политички науки во Универзитет во Париз
- Научивме многу и имавме и неформални разговори. Станав пријател со Германци, Македонци и Бугари. Ги споделивме различните култури што не направи побогати. Тоа ни дава за право да веруваме во една поширока и поголема Европа.
На летната школа учество имаат околу 30 студенти кои бараат политичарите да го слушнат и нивниот глас бидејќи како што велат иднината останува на младите. Овој школски караван поминува преку Скопје, Приштина и Софија.

