Македонско - бугарски преговори

Песимизам наспроти оптимизам помеѓу експертите на релација Скопје - Софија, за исходот од новата рунда преговори на крајот од октомври. Бугарските познавачи на комплексноста на спорот меѓу Македонија и Бугарија, сметаат дека преговорите ќе имаат позитивен исход, а декември е достижен за датум за прва меѓувладина конференција на земјата со ЕУ.

Според нив, иако Бугарија нема да прави отстапки, сепак со барањето за Бугарите во Македонскиот устав се прави дефокус и во заден план Бугарија ја става „историската вистина“. 

- Не верувам дека некој може да направи отстапка за историската вистина, најмалку поради тоа што во Бугарија тоа е политички неприфатливо. Сепак сметам дека тоа барање сега се става во заден план, што е многу важно. Не мислам дека во моментот е неопходно да решаваме спор кој што може да продолжи деценија и повеќе. Спорот кој од кого потекнува, каква е македонската, каква е бугарската страна, кој кого манипулира, тој спор нека си продолжува. - вели Ангел Петров новинар „ Дневник “ Бугарија.

Македонските експерти пак со различен став. Не сакаат да прогнозираат за датум во декември, поради тоа што сметаат дека барањата на официјална Софија ќе немаат крај, а дополлнително се косат и го кршат Преспанскиот Договор, кој е поддржан од сите меѓународни фактори. Според македонските експерти, новите барања за 5+1 точка, но и сите стари и дополнителни барања од Бугарија  имаат врска и задираат во македонскиот идентитет. 

- Зa што тоа ние всушност преговараме? Преговараме за сите овие 5 точки за да се оддржи првата конференција? Првата меѓувладина конференција е само претставување на преговарачката рамка. Во меѓувреме не се зборува воопшто за тоа што ќе стои во преговарачката рамка, односно дали зборуваме за текстот на преговарачката рамка таква каква што е. Правата меѓувладина конференција, потенцирам, е само претставување на преговарачката рамка. Имаме понатамошни барања за втората меѓувладина конфереција. Едно од барањата што се споменува , тоа е прилагодувањато на содржината на наставните програми на Македонија со Бугарија, што всушност не е формулација од Договорот. - вели Малинка Ристевска Јорданова ЕПИ.

Ристевска смета дека македонската страна прави стратешки грешки во преговорите со Софија и дополнително е нејасно што всушност ќе добие Македонија. Бугарскиот државен врв минатата недела информираше дека протоколот, кој што е основа за продолжување на разговорите, се состои од 5+1 точка  за: краткото и долгото име на државата; спречување на говор на омраза; рехабилитација на жртви на комунизмот; поголем ангажман на Комисијата за историски прашања; немешање во внатрешни работи и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.