Македонските војници по 19 години се вратија од мисијата во Авганистан

Свеченото примопредавање на македонското знаме под кое нашите мировници 19 години ги извршуваа воените обврски, симболично го означи крајот на учеството на Македонската Армија во мисиите на НАТО, „ИСАФ” и “Одлучна поддршкa” во Авганистан. Македонија ги повлече војниците од Авганистан во согласност со одлуката на сите земји членки на НАТО за завршување на мисијата во оваа земја. Потполковникот Фето Бајрами кој бил командант на првиот контингент во Авганистан рече дека нивната одлучност и обука придонеле за достојно претставување на земјата во долгогодишните мисии.

„За еден војник и офицер нема ништо повозвишено од тоа да ја претставува својата земја и Армија на една меѓународна мисија како што беше ИСАФ“ - вели Фето Бајрами - потполковник

Претседателот и врховен командант  Стево Пендаровски вели дека со успешното учество во мировните мисии, македонските војници покажале дека можат да се соочат со секаков безбедносен предизвик.

„Политичката одлука за испраќање на наши војници во странство е секогаш една од најтешките дилеми пред која можат да бидат исправени политичарите, но денес, од оваа перспектива, убеден сум дека тогаш беше донесена вистинската одлука. Политичарите често не се согласуваат за многу теми, но кога стануваше збор за упатување на наши луѓе на мировни мисии, Парламентот секогаш одлуките ги носеше едногласно“ - рече Претседателот Пендаровски.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска посочи дека членството на Македонија во НАТО е заслуга на сите војници кои учествуваа во мировните мисии и дека токму тие се најдобрите македонски претставници пред сојузниците од алијансата.

„Ние од самиот почеток во 2002 покажавме дека сме верни на вредностите, принципите и одлуките на Алијансата. Одлуката во далечната 2002 да се замине во Авганистан не беше лесна, но издржливоста да се издржат сите овие речиси 20 години дури и во моменти на наши разочарувања беше уште поважна“ - смета Шекеринска.

Македонските војници првпат заминаа за Авганистан во 2002 и во наредните 13 години беа дел од меѓународните сили ИСАФ, при што беа ангажирани на различни позиции и задачи. Тие потоа во намален број продолжија да дејствуваат во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул. Вкупно, во Авганистан служеа 3.500 припадници на АРМ, од кои 190 жени.